КОМПАНИЈАТА „РАДЕ КОНЧАР – ТЕП“ ОД СКОПЈЕ, АЕРОДРОМ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЦИОНАЛЕН ШАМПИОН на Европските бизнис награди (European Business Awards – EBA), најголемиот бизнис натпревар во Европа

Од Европските бизнис награди (European Business Awards – EBA) компанијата „Раде Кончар – ТЕП“ – Скопје, членка и ПОКРОВИТЕЛ на Стопанската комора на Македонија, е прогласена за Национален шампион.

Предводена од м-р Горан Антевски, компанијата се занимава со производство на електромотори, генератори, трансформатори, апарати за дистрибуција и контрола на електрична енергија и др.

Таа е една од најуспешните компании коишто имаат седиште во Општина Аеродром ,  водечка во светот на металната и електроиндустријата во Македонија и на Балканот. Дел е од брендот „Раде Кончар”, кој има 65-годишна традиција. Својот развој компанијата го насочува во   иновации на нови производи, иновации во процесот на производството,  иновации во работењето  и сл. Успехот на компанијата се должи на стручноста и усогласувањето со барањата на пазарот, постојано следење на светските трендови, како и комбинирање на функционалноста и дизајнот на понудата.

Еден од најголемите вредности е квалитетот на производите. „Раде Кончар – ТЕП“ поседува сертификат за систем за управување со квалитет ISO 9001: 2008; сертификат за управување со животната средина ISO 14001: 2004; сертификат за добро корпоративно управување, а за својата работа има добиено и бројни признанија и награди. Компанијата постојано инвестира во истражување и развој, со цел изнаоѓање најдобри решенија за секоја побарувачка на своите клиенти.

Во рамките на Стопанската комора на Македонија, компанијата „Раде Кончар – ТЕП“ е членка на Здружението на металната и електроиндустријата, на Регионалната комора со седиште во Скопје, Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Македонската асоцијација на металите (МАМ) и на Групацијата за електроиндустрија.

 

Превземена вест од  www.mchamber.mk